Страшно изгледаше повредата на Кристијан Дисингер заработена во финишот од првото полувреме од финалето меѓу Вардар и Загреб, кога на германскиот бек десетина минути му беше укажувана лекарска помош по тешкиот пад по еден шут на 11 секунди до крајот.
За време на паузата меѓу двете полувремиња на асот на Вардар му беше укажувана лекарска помош, а првите информации велат дека не станува збор за скршеница. Иако видео-снимката делуваше страшно, првата дијагноза е дека левата рака на Дисингер не е скршена, туку станува збор за сериозно изместување на рамото и на лакотот.
Поради тешкиот удар и вкочанетоста на мускулот лекарите се мачеле да ги вратат изместените делови од раката на свое место, а повеќе од јасно е дека дури и навистина да станува збор за ваков вид на повреда, паузата нема да биде нималку кратка.
За очекува е во следните 24 часа да биде обелоденета и точната дијагноза за оваа сериозна повреда на германскиот ас, кој беше големо засилување за „црвено-црните“ по трансферот од Кил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА