Лигата на шампионите и официјално започнува денес со возбудувањата од првото коло во групната фаза. Турнирот овојпат ќе биде поразличен, особено ако се има в предвид дека ќе недостасува Кристијано Роналдо, човекот кој ги држи рекордите за најмногу голови и настапи во историјата на ова натпреварување.
Португалецот оваа година нема да игра во елитата, откако Манчестер Јунајтед не успеа да обезбеди настап во ЛШ, па единствено останува да се бори за титула во Лигата на Европа. Роналдо долго време притискаше за трансфер во тим кој настапува во Лигата на шампионите, но не успеа да се договори и остана во Англија.
Ова значи дека за првпат по 20 години ЛШ ќе стартува без Кристијано Роналдо. Последен пат Португалецот не беше дел од групите во сезоната 2002/03 со Спортинг и играше во тогашниот УЕФА Куп. Оттогаш, со Спортинг, Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус и пак со „ѓаволите“, Роналдо запиша 183 настапи во Лигата на шампионите.
Дополнително, Кристијано Роналдо го држи рекордот за најмногу погодоци во групите и нокаут фазата, со 140 гола зад своето име, дури 15 повеќе од неговиот ривал Лионел Меси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

