Ново изненадување и нов пораз на ѕвездениот тим на ПСЖ во францускиот шампионат, втор во последните три натпревари. Актуелниот француски шампион, без Никола и Лука Карабатиќ, кои сега ја издржуваат суспензијата поради аферата со наместените резултати од пред неколку години, загуби на гостувањето кај Екс со 33-31.
Ни фаворитскаат улога ни 17 одбрани на Тиери Омејер не беа доволни да го спасат ПСЖ од овој неочекуван пораз од Екс. Домаќините беа во убедлива предност во текот на целиот натпревар. На полувремето Екс имаше водство од 17-12, а на стартот од вториот дел стигна и на +8 поведувајќи со 20-12. Во последната четвртина ПСЖ успеа да ја намали предноста, но не и да направи комплетен пресврт и да го избегне поразот.
Тимот на Екс го предводеше Ајмерик Мине со девет гола, а кај ПСЖ, Недим Ремили постигна осум , а Уве Генсхајмер и Микел Хансен додадоа по седум гола.
Со двата порази, од Ним и сега од Екс, ПСЖ моментно е на третата позиција на табелата со 16 бода, зад Ним со 18 и Монпелје со 17.
По шесте порази на стартот, во победнички ритам влезе тимот на Шамбери предводен од поранешниот македонски селектор, Ивица Обрван. Шамбери славеше во гости против Сесон со 22-30 и ја запиша четвртата победа во серија. Со осум бода, Шамбери сега е на 9.место на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА