Челниците на ПСЖ се надеваа дека денеска ќе го комплетираат трансферот на Нејмар, но истиот најверојатно ќе биде одложен од бизарна причина – откако челниците на „Ла Лига“ одбиле да ги земат парите за активирање на клаузулата за заминување на бразилскиот ас од Барселона.
Имено, претставници на ПСЖ и на Нејмар денеска пристигнале во службените простории на „Ла Лига“ во Мадрид, потврдувајќи уплата од 222 милиони евра за да се активира клаузулата за раскин меѓу бразилскиот гоглетер и Барселона. И доколку во сите досегашни случаи при плаќање на клаузули тоа е само рутина, овојпат челниците на „Ла Лига“ решиле да ги одбијат парите.
Како што јавуваат шпанските медиуми, претседателот Тебас изразил сомнеж дека зад оваа уплата стои државна компанија од Катар, но и отворено говорел за уривање на финанскиот ферплеј доколку овој трансфер се реализира. Во ПСЖ се бесни на ваквиот развој на настаните и сега најверојатно ќе побараат помош од УЕФА, со оглед на фактот дека „Ла Лига“ треба само технички да го раскине договорот на Нејмар со Барса со исполнување на клаузулата, а не да се сомнева во потеклото на парите.
Според францускиот вицепрвак, шпанските фудбалски власти на овој начин ги кршат правилата бидејќи УЕФА е таа што подоцна ќе треба да ја истражи легалноста на трансферот и тоа дали со него се крши финансискиот ферплеј, за што сепак ќе треба да се почека и крајот на преодниот рок (ПСЖ може во меѓувреме да продаде неколку играчи за да ги израмни сметките).
Сепак, јасно е дека „сапуницата“ ќе продолжи најмалку уште неколку дена, а веќе е јасно дека Нејмар ќе го пропушти почетокот на новата сезона во Франција, закажан за викендов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА