ПСЖ е тим полн со кланови – откриено зошто Вајналдум е во очајна форма

Атмосферата во таборот на ПСЖ со години не е на посакуваното ниво, тоа го потврди и Томас Тухел, кој неодамна обелодени дека на „Паркот на принцовите“ имал обврска да се грижи и за пријателите на најдобрите играчи и нивните лични проблеми, само да го задоволи егото на суперѕвездите во соблекувалната.

Тухел на крајот си замина, дојде Покетино, но проблемите останаа, па и уште повеќе се продлабочија. Доказ за тоа е случајот со Вајналдум од Ливерпул, кој дојде како големо засилување од Ливерпул, но засега е бледа сенка од играчот кој настапуваше во голема форма за „црвените“ и за холандската репрезентација.

Весникот „Л’Екип“ ја открива причината – завера на „јужноамериканскиот клан“, кој со игнорирањето на Вајналдум на теренот се грижи за Аргентинецот Паредес да не ја загуби улогата на стартер. Во овој клан во преден план се Нејмар, Маркињос и Ди Марија, заедно со Меси, кој и од претходно беше добар пријател со Паредес на собирите на аргентинската репрезентација.

За ситуацијата да е уште посмешна, Паредес веќе подолго време е повреден, но овие „ѕвезди“ се загрижени дека доколку Вајналдум игра одлично нивниот пријател ќе ја мине целата сезона на клупа. Според „Л’Екип“, токму поради ова Холанѓанецот е крајно изолиран во соблекувалната, а згора на тоа не добива топки кога ќе се случи да добие шанса на теренот од тренерот Покетино.

Каде што има многу „ѕвезди“ на едно место, проблемите се неизбежни, но ова што се случува во ПСЖ веќе ги надминува границите на нормалното…

Се вчитува...