Абду Диало е најновото засилување на ПСЖ откако овој одбранбен фудбалер денеска го официјализираше трансферот од редовите на Борусија Дортмунд. Германскиот вицепрвак минатото лето го купи Диало од Мајнц за 28 милиони евра, но тој не ги оправда очекувањата на тренерот Фавр. „Милионерите“ дополнително летово ја засилија одбраната потпишувајќи со Матс Хумелс, по што Диало самиот побара да биде продаден.
„Ситуацијата се одвиваше така, тој сакаше да си замине, ПСЖ испрати добра понуда, па експресно се договоривме“ – изјави директорот на Борусија, Михаел Цорк.
Германскиот клуб ќе заработи почетни 32 милиони евра, плус дополнителни пет милиони доколку се активираат сите клаузули од договорот со ПСЖ. Диало денеска пристигна во Париз, а по лекарските прегледи позираше со новиот дрес.
„Голема чест е да се дојде во престижен клуб како ПСЖ. Секогаш сум велел дека овој проект е многу интересен, а денеска станува дел од него, што е значаен чекор напред во мојата кариера“ – истакна 23-годишниот Диало.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА