Луис Енрике од денеска и официјално е нов шеф на стручниот штаб на ПСЖ, откако шпанскиот стратег потпиша двогодишен договор со актуелниот првак на Франција. „Светците“ најпрвин денеска официјално го раскинаа договорот со Галтие, по што немаше никаква пречка да се одржи промоцијата на поранешниот шпански селектор на „Паркот на принцовите“.
Пред Енрике е тешка задача, да формира силен тим по заминувањето на Меси, неизвесната иднина на Мбапе и можниот трансфер на Нејмар во Премиер-лигата, но Шпанецот е оптимист дека ќе состави силен колектив со кој ќе игра убав фудбал.
„Мојата фудбалска филозофија секогаш била да се игра офанзивно, тоа е нешто што никогаш нема да го променам. Верувам дека навивачите ќе уживаат во начинот на кој ќе играме. Предизвикот е голем, доаѓам во сериозен клуб и заедничка цел ни е да освоиме што повеќе трофеи заедно“, изјави Енрике при потписот на договорот.
ПСЖ веќе осигура четири потписи пред доаѓањето на новиот тренер, потпишувајќи договори со Шкринијар, Асенсио, Угарте и со Канг-Ин Ли, а се очекува шпанскиот стратег да донесе уште некој нов фудбалер, од сопствената листа со желби што веќе е доставена до управата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА