ПСЖ и без пола тим ја освои Барселона

ПСЖ е првиот тим во историјата што на три гостувања по ред излегува како победник против Барселона откако „светците“ вечерва по голема битка славеа над каталонскиот гигант со 1-2. Триумфот е уште посладок ако се знае дека францускиот тим настапи без речиси половина тим, но Луис Енрике сепак најде начин да го земе скалпот на својот поранешен клуб.

Барса има за што да жали бидејќи имаше и водство од 1-0 преку Феран Торес и го диктираше темпото, но потоа дојде до мал пад во концентрацијата во одбраната што ПСЖ безмилосно го казни израмнувајќи преку младиот Мајулу. Двата тима имаа свои шанси во второто полувреме, а херој на гостите од Париз беше Хакими. Десниот бек најпрвин спречи сигурен гол на самата гол-линија, за во судиското продолжение да му асистира на Рамос за победничкиот погодок за ПСЖ.

Ерлинг Халанд постигна гола, но и тоа беше недоволно за Манчестер Сити да стигне до цел плен на гостувањето во Монако откако „кнезовите“ во самиот финиш стигнаа до реми од 2-2 благодарение на голот на Дајер од пенал во 90. минута.

Борусија Дортмунд на домашен терен славеше над Атлетик Билбао со 4-1, додека Јувентус со пресврт во второто полувреме, со евроголот на Гати и со погодокот на Консеисао стигна до водство против Вилјареал од 1-2. Сепак, и тоа беше недоволно за да се стигне до триумф бидејќи Шпанците се вратија и преку Веига во 90. минута стигнаа до заслужен бод за конечни 2-2.

Елиф Елмас гледаше од клупата во победата на Наполи од 2-1 над Спортинг Лисабон благодарение на двата гола на Хојлунд, додека погодoците на Мартиели во првото полувреме и на Сака во самиот финип беа доволни за Арсенал да слави на мечот против Олимпијакос со 2-0.

Се вчитува...