ПСЖ има 200 милиони причини за разделба од Нејмар

Раководството на ПСЖ и официјално му соопштило на таткото на Нејмар, кој воедно е и агент на бразилскиот ас, дека клубот планира да го продаде во текот на летниот преоден рок. „Светците“ најавуваат мини-ремонт летово, а најзвучно име што ќе си замине се очекува да биде токму Нејмар.

Најскапиот фудбалер во светот не ги оправда целосно очекувањата по 222 милиони евра вредниот трансфер од ПСЖ, Нејмар ги фрустрираше соиграчите, тренерите, директорите и навивачите со непрофесионалниот стил на живот, како и со недоволното залагање на тренинзите и на натпреварите.

Таткото на голгетерот бил разочаран од ваквиот став на клубот, но истовремено испратил и јасна порака – Нејмар планира да ги наплати сите пари што му следуваат од договорот со ПСЖ. Станува збор за огромна сума од 200 милиони евра, сосе бонусите за лојалност што би му следеле поради фактот дека тој не бара да си замине се до истекот на договорот до 2027 година.

Челниците на ПСЖ се свесни дека тешко ќе се најде клуб што ќе му ја исплати оваа сума на Нејмар, па францускиот првак е подготвен на компромис – разликата во парите што Нејмар ќе ги земе во новиот тим и оние 200 милиони евра што тој би ги заработил во ПСЖ да бидат покриени од „светците“ од Париз.

Во една ваква ситуација, заинтересирани за Бразилецот се премиерлигашите Челси и Њукасл, потоа Јувентус, а не се исклучува можноста во трката да се вклучи и неговиот поранешен клуб Барселона.

Се вчитува...