ПСЖ се подготвува за „животот по Килијан Мбапе“, а управата на францускиот првак е во потрага по елитни засилувања кои би помогнале заминувањето на најдобриот фудбалер да не остави предлабока трага на „Паркот на принцовите“. Се споменуваше Рафаел Леао, но тренерот Луис Енрике јасно ставил до знаење дека Португалецот не вреди за сумата што Милан ја бара, па „светците“ сега вниманието го насочија кон Луис Дијаз.
Колумбискиот репрезентативец беше трагичар на Ливерпул по неколкуте промашени шанси на дербито со Манчестер Сити, но квалитетите на поранешниот ас на Порто се несомнени, а неговата брзина и дриблинг-способностите го прават особено интересен за ПСЖ и за тренерот Енрике. Француските медиуми најавуваат дека шампионот на оваа земја ќе понуди над 100 милиони евра за да го осигура потписот на Дијаз, што би претставувала и одлична заработка за Ливерпул ако се знае дека „црвените“ за двојно помала сума го донесоа Дијаз на „Енфилд“ од редовите на Порто.
Англискиот гигант се подготвува за заминување на Мохамед Салах летово, па останува да се види дали Ливерпул ќе реши да продаде уште еден офанзивен фудбалер, уште повеќе ако се знае дека клубот летово ќе мора да тргне во нова ера со нов тренер, по заминувањето на Јирген Клоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА