Барселона и ПСЖ не постигнаа договор во првата рунда официјални преговори за Нејмар, но францускиот првак по овие разговори ја промени стратегијата, во обид да биде најден заеднички јазик за продажба на бразилската суперѕвезда.
Парична отштета од 100 милиони евра е она на што „светците“ ќе инсистираат во наредната рунда преговори, плус фудбалери што би се преселиле од Барса во ПСЖ како дел од трансферот. Каталонците се надеваа дека со вклучување на повеќе фудбалери ќе ја намалат сумата што треба да ја платат, но според пишувањата на францускиот весник „Л’Екип“, од ПСЖ се децидни – не сакаат да разговараат без вклучени 100 милиони евра во понудата. Што се однесува до фудбалерите, „светците“ се откажале од намерата за доведување на Иван Ракитиќ, откако летово веќе ангажираа двајца играчи за врска, Андер Ерера од Манчестер Јунајтед и Идриса Геје од Евертон.
На потег е управата на Барселона, која сезонава веќе потроши над 200 милиони евра на нови фудбалери (Гризман, Де Јонг, Нето). Каталонците мака мачат со продажба на фудбалери како би составиле буџет за доведување на Нејмар, но нема сомнеж дека претседателот Бартомеу ќе стори се што е во негова моќ за успешно да ги финишира преговорите со ПСЖ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА