ПСЖ крена раце од Зидан, „светците“ го избраа новиот тренер

ПСЖ е подготвен да го реши тренерското прашање по договорената разделба од Маурицио Покетино, но Зинедин Зидан нема да биде новиот предводник на „светците“, иако екс-тренерот на Реал долго време важеше за фаворит во оваа трка.

Катарските газди долго време го убедуваа Зидан, но на крајот кренаа раце од идејата Зизу да го предводи дрим-тимот на ПСЖ, улога што според последните информации ќе му биде доделена на Кристоф Галтие. Станува збор за тренерот кој пред две години го шокираше ПСЖ предводејќи го тимот на Лил до шампионската титула во Франција. Галтие минатата сезона ја мина на чело на Ница, а „светците“ во изминатите 24 часа го контактираа овој клуб за да платат отштета и да го доведат тренерот на „Паркот на Принцовите“.

Зад оваа идеја стои новиот директор Луис Кампос, кој имаше беспрекорна соработка со Галтие во Лил. Тој дојде во клубот на инсистирање на Килијан Мбапе, ќе има значајна улога во изборот на тренер и на новите засилувања и во последните десетина дена инсистираше на доаѓањето на Галтие. Иако газдите од Катар го убедуваа Зидан, Кампос е убеден дека доаѓањето на Зизу не би бил најпаметен потег, па новиот директор на ПСЖ ги убеди првите луѓе на клубот да му дадат шанса на Галтие.

Се вчитува...