Бразилецот Нејмар нема да може да игра против Реал Мадрид, а нема да се врати на фудбалските терени најмалку уште два месеци. Иако ПСЖ не признава, откако тренерот Унаи Емери ја остави отворена можноста напаѓачот да игра против „кралскиот клуб“ следниот вторник, сепак, неговиот татко Нејмар сениор, открива дека најскапиот фудбалер на светот нема да може да игра во следните шест до осум седмици.
„И во ПСЖ знаат дека тој нема да може да игра против Реал Мадрид. Паузата ќе биде од шест до осум седмици, без разлика дали ќе следи операција или не“, откри таткото на Нејмар, кој воедно е и негов агент.
Синоќа во Париз допатувал и лекарот на фудбалската репрезентација на Бразил, кој исто така треба да даде свое мислење за повредата на Нејмар. Тој има скршеница на петтата метатарзална коска на стапалото и повредени лигаменти на скочниот зглоб на десната нога. Најцрните прогнози се дека можеби ќе мора да го пропушти и Светското првенство во Русија, но сите неутрални љубители на фудбалот се надеваат дека тоа нема да се случи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА