Преговорите за големиот камбек на Нејмар во Барселона дефинитивно ќе течат многу бавно откако беше обелоденето дека Барселона воопшто не понудила пари за Бразилецот, туку планира да го осигура неговиот потпис со директна размена за неколку фудбалери.
Француските медиуми обелоденија дека по првичните контакти била испратена и првата понуда, но во неа не биле вклучени 100 милиони евра како парична отштета, нешто што беше најавувано од каталонците во изминатиот период. Наместо тоа, Барса му понудила на ПСЖ да избере тројца фудбалери од следните четири: Кутињо, Умтити, Дембеле и Семедо. Изненадувачки, на овој список не се нашол Иван Ракитиќ, кој исто така е поврзуван со преселба на „Паркот на принцовите“.
Понудата била експресно одбиена од страна на Насер Ал Келаифи, кој ќе инсистира на делумна парична отштета пред преговорите да влезат во следната фаза. Проблем претставувало и што вкупните плати на било кои тројца фудбалери од листата се повисоки од онаа на Нејмар, па „светците“ дефинитивно ќе инсистираат на поинаков „дил“ ако Барса сака да го врати Бразилецот назад на „Камп Ноу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА