ПСЖ преживеа во Дортмунд, Милан со победа само до место во Лигата на Европа

ПСЖ по голема борба успеа да остане непоразен на гостувањето против Борусија Дортмунд (1-1), резултат со кој францускиот гигант гоосвои второто место во групата и ќе ги продолжи настапите во Лигата на Шампионите. Ремито во Дортмунд значеше дека Милан и покрај победата во Њукасл мораше да се задоволи само со третото место, кое значи настап во Лигата на Европа во пролетната полусезона од европските натпреварувања.

Борусија и ПСЖ одиграа одличен меч со бројни шанси, на крајот делејќи ги бодовите откако Адејеми ги доведе домаќините во водство, а Заире Емери донесе огромен бод за „светците“. Мбапе постигна гол за 1-2, но истиот беше поништен поради минимален офсајд на најдобриот фудбалер на ПСЖ.

Њукасл има за што да жали откако загуби на домашен терен од Милан со 1-2, резултат кој значи дека премиерлигашот го освојува последното место во групата и ја завршува својата европска авантура за оваа натпреварувачка сезона. Њукасл по првиот дел имаше предност преку Жоелинтон, на 1-1 израмни Пулишиќ, а пресвртот го комплетираше Чуквуезе, како „златна резерва“ само неколку минути по влегувањето во игра.

Притисокот врз Чави дефинитивно уште повеќе ќе се зголеми откако Барселона одигра уште еден разочарувачки меч во ЛШ, овојпат на гостувањето против Антверпен (3-2). Младиот Гију беше стрелец на голот за реми во судиското продолжение, но Антверпен возврати со гол во 92. минута за заслужена победа за белгискиот шампион на овој натпревар. Првото место веќе беше обезбедено за каталонците, но слабото издание во Белгија е само уште една причина управата и навивачите да се сомневаат во квалитетите на младиот стратег, кој наскоро би можел да добие отказ од функцијата. Второто место во оваа група го освојува Порто, по убедливата победа од 5-3 што португалскиот гигант ја забележа на домашен терен против Шахтјор.

Атлетико Мадрид ја оправда фаворитската улога против Лацио славејќи со 2-0 со головите на Гризман и на Лино, додека Селтик го совлада Феенорд со 2-1 во вториот меч од оваа група. Атлетико и Лацио ги продолжуваат настапите во Лигата на Шампионите, додека Феенорд како третопласиран се сели во Лигата на Европа.

Се вчитува...