Разочарувањето во таборот на ПСЖ по елиминацијата од Лигата на шампионите е огромно, но управата на клубот нема намера поради тоа да го смени тренерот Томас Тухел. Претседателот Насер Ал-Келаифи синоќа објави дека Германецот ќе остане на чело на „светците“ и во наредната сезона, но и најави дека ќе има нови промени во играчкиот кадар на ПСЖ.
„Му верувам на тренерот, тоа воопшто не е променето. Тој останува, но играчи ќе доаѓаат и ќе си одат. Таа одлука е на Тухел, да реши како да го подобри тимот за наредната сезона“ – изјави Ал Келаифи.
Рабио дефинитивно си заминува, се очекува истото да го стори и Дани Алвеш, а доколку пристигне интересна понуда клупските бои ќе ги промени и Кавани.
Тухел се уште не размислува на таа тема, во шок од поразот од Манчестер Јунајтед.
„Кога ќе загубите таков натпревар, да не му дозволите на противникот да создаде ниту една шанса, а на крајот примите три гола и сте елиминирани… Не знам како се анализира таков натпревар, не знам дали воопшто постои начин“ – истакна Тухел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА