ПСЖ нема намера веќе да троши богатство на плати на фудбалери откако тоа не се покажа како вистински рецепт за задржување на Килијан Мбапе, кој на крајот како слободен играч си замина од „Паркот на принцовите“. Насер ал Келаифи јасно стави до знаење дека нема намера да го менува новиот правилник на клубот, според кој ниту еден играч нема да има плата поголема од 18 милиони евра по сезона, иако ова може да значи и заминување на освојувачот на „Златната топка“, Усман Дембеле.
Сумата од 18 милиони е истата што Дембеле во моментов ја заработува во ПСЖ, а преговорите за продолжување на соработката се блокирани. Француските медиуми тврдат дека неговиот агент Сисоко побарал неверојатни 60 милиони евра по сезона, барање со кое само ги налутил челниците на францускиот првак.
„Интересите на тимот и на клубот се на првото место. Нема да дозволиме ниту еден фудбалер да се најде над структурата што ја поставивме“, порача Ал Келаифи.
Токму поради придржувањето на оваа структура минатото лето беше продаден Џиџи Донарума, кој бараше 25 милиони евра годишно и на крајот заврши во Манчестер Сити.
Сега кога побарувањата на Дембеле се уште поголеми од оние на италијанскиот голман, а управата не покажува знаци дека би можела да попушти, се поизвесно е дека францускиот репрезентативец летово ќе си замине од „Паркот на принцовите“. Камбек во Барса не е опција, Реал Мадрид не е премногу загреан, па најреална варијанта е преселба во Премиер-лигата, каде Арсенал, Челси и Манчестер Сити се подготвени да влезат во наддавање зза да го осигураат потписот на Дембеле.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

