ПСЖ загуби од Ница и не успеа да го стигне рекордот на Нант

ПСЖ пред неколку седмици ја освои титулата во француското првенство, што дефинитивно се одрази на игрите на „светците“ по прославата на трофејот. Доказ за тоа е и вечерашниот домашен дуел против Ница, на кој тимот на Луис Енрике беше непријатно шокиран, губејќи со 1-3 на увертирата за полуфиналниот дуел од Лигата на Шампионите против Арсенал.

Тимот на ПСЖ цели 30 меча сезонава не знаеше за пораз, па токму затоа шокот од вечерашниот исход е толку голем. Енрике не тактизираше премногу со составот, „светците“ истрчаа со силни стартни единаесетмина, но беа далеку од посакуваниот ритам. ПСЖ имаше 28 удари кон противничкиот гол, единаесет во рамките на голот, но се беше попусто кога само еден од овие удар заврши во мрежата на одличниот голман Марчин Булка. Со тоа, ПСЖ остана два меча покус од апсолутниот рекорд на Нант, кога „канаринците“ во 1994/95 минаа 32 средби без пораз, додека серијата на „светците“ вечерва беше запрена на 30 натпревари без неуспех.

Сансон беше двоен стрелец за Ница, постигнувајќи ги првите два гола за овој тим. Во меѓувреме, Фабијан Руиз биеше прецизно за 1-1 пред вториот гол на Сансон. Очекувано, ПСЖ се обиде  и вторпат да стигне до израмнување, но наместо тоа видовме уште еден гол во мрежата на Донарума, откако италијанскиот голман беше со глава совладан од Ндајишимје.

„Светците“ во последните десетина минути имаа четири стопроцентни шанси, но гостинскиот голман Булка со извонредни интервенции се погрижи Ница да стигне до цел плен со што оваа екипа ја продолжува трката за место кое води во ЛШ следната сезона.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...