Трагикомична е трансфер-сагата на Ромелу Лукаку летово, откако белгискиот голгетер им заби нож во грб на луѓето од Интер, кои ги прекинаа преговорите со него откако дознаа дека паралелно со нив преговарал и со лутиот ривал Јувентус.
Лукаку дури и дал предност во преговорите на „старата дама“ поради понудените подобри лични услови, но набрзо му станало јасно дека направил голема грешка, Интер се повлече од разговорите за негов трансфер, а Јувентус веднаш потоа почна да одолговлекува, да чека на продажба на Влаховиќ, но и во меѓувреме да почне да ја намалува понудата до Челси и до самиот фудбалер.
Во Челси јасно му е ставено до знаење дека не се смета на неговите услуги, па сега Лукаку се наоѓа во незгодна ситуација, клубот што го сакаше да е бесен на него, а клубот што му нудеше најмногу пари да се повлече од преговорите. „Газета дело спорт“ тврди дека Лукаку дури и лично ги контактирал челниците на Интер во обид да ги обнови преговорите меѓу двете страни за експресно да потпише за овој клуб, но газдата Жанг и клупските директори јасно му ставиле до знаење дека таа приказна е завршена и дека тој никогаш повеќе нема да го облече дресот на „нероаѕурите“.
Останува да се види разврската во кариерата на белгискиот „џин“, кој досега тврдеше дека сака да остане во Европа, но по најновиот развој на настаните би можел да се премисли и да прифати понуда за преселба во Саудиска Арабија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА