Карлос Алкараз го победи Новак Ѓоковиќ во големото финале на Австралија Опен и со титулата во Мелбурн ја комплетираше колекцијата на Грендслем титули, како најмлад тенисер во историјата кој успеал да дојде до сите четири грендслем трофеи.
Иако сè одеше според планот за српскиот тенисер во финалето на Австралија Опен, налетот на Алкараз во вториот и третиот сет го собори Ѓоковиќ на земја и на крајот го остави без 25-от грендслем во кариерата.
По поразот, Ѓоковиќ беше поздравен со силни овации од австралиската публика, кои скандираа „Новак, Новак…“, што, секако, разбуди емоции кај Србинот. И неколку солзи се лизнаа по лицето на српскиот тенисер.
„Ви благодарам, честитки до Карлос за одличниот турнир кој ме потсетува на мене во младоста. Знам дека пред него е голема блескава кариера, а искрено му посакувам ваква доминација во Мелбурн и во следните десет години. Морам да му честитам и на мојот тим за истрајноста, вие сте мојата карпа. Особено последните три недели, мојот успех е ваш успех. Исто така, сакам да му се заблагодарам на легендарниот Рафаел Надал кој е на трибините, чудно е да го гледам таму. Беше чест да го делам теренот со него, но и да ме гледа денеска тука. Да бидам искрен имав подготвено победнички говор“ – низ смеа рече српскиот тенисер, и дополни:
„Ќе бидам краток, затоа што ова е момент на Карлос. Сакам да се заблагодарам на публиката во Мелбурн. Во последните неколку натпревари ми дадовте толку многу љубов и позитивност. Ова е мојата 21-ва, 22-ра година откако дојдов во Австралија. Тоа е толку потребно кога играте на ова ниво. Никогаш не помислив дека повторно ќе стојам на последното скалило од еден Грендслем. Ви благодарам што ми дававте сила за да дојдам толку далеку. Бог не знае што ќе се случи утре. Ова беше одлично патување, а ќе видиме што ќе ни донесе Бог утре“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

