ЕКИПА во Вадуз, Лихтенштајн
Никола Ѓуровски
Македонската фудбалска репрезентација ја оствари првата победа во квалификациите за СП 2018 во Русија, победувајќи го убедливо Лихтенштајн со 0-3. Тоа е прв триумф во овие квалификации и конечно први бодови во групата, како награда за добрите игри и на претходните мечеви. Прв триумф е на гости по цели седум години.
Бобан Николов го отвори резултатот во 43.минута, а во вториот дел Илија Несторовски уште двапати стрелаше во мрежата на Лихтенштајн, и на крајот не успеа да реализира пенал за хет – трик.
Веќе во шестата минута, Македонија ја имаше првата сериозна шанса. Пандев одигра двојно со Николов, влезе во шеснаесетникот од левата страна, шутираше, но голманот на Лихтенштајн, Петер Јеле успеа да одбрани.
Во 25.минута, Стефан Спировски доби топка на 16 метри, но шутираше крај дирекот од противничкиот гол. Три минути подоцна, Бесарт Ибраими се обиде од слободен ударод 30 метри, но беше многу непрецизен.
Во 35.минута, Пандев уште еднаш добро проигра двојно, но топката не стигна повторно до него, туку до голманот Јеле.
И конечно, гол. Во 43.минута, Бобан Николов ја погоди мрежата на Лихтенштајн. Долго се плетеше мрежата пред голот на Јеле, на крајот Тричковски центрираше од левата страна, а Бобан Николов зафати волеј од пеналтикот и погоди на вистинското место.
Во 50.минута, Пандев го проигра Ибраими на левата страна, тој шутиаше откосо, а блокираниот шут заврши за малку крај дирекот, во корнер.
Девет минути подоцна, Тричковски нафрли од десната страна, Несторовски шутираше со глава, но директно во добро поставениот Јеле.
Во 68.минута, по вторпат се тресеше мрежата на Лихтенштајн. Проработи италијанската врска, Пандев нафрли, а Несторовски егзекутираше со удар со глава.
Само пет минути подоцна и трет погодок за Македонија. Спировски повлече контранапад, Ристовски центрираше од десната страна, Јеле ја одби топката, а таа падна на ногата на Несторовски кој рутински стрелаше во мрежата.
Во 90.минута, пенал за Македонија, што го избори Илија Несторовски. Пандев му дозволи на Нестор-гол да го изведе, но Јеле го одбрани неговиот удар.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2018 ВО РУСИЈА
ЛИХТЕНШТАЈН – МАКЕДОНИЈА 0-3 (0-1)
Стадион „Рејнпарк“ во Вадуз. Гледачи: 4.500. Судија: Џонатан Лардо (Белгија). Стрелци: Николов 43’, Несторовски 68’, 73’ (Македонија). Ж.картони: Хаслер, Гопел (Лихтенштајн), Несторовски (Македонија).
ЛИХТЕНШТАЈН: Јеле, Гопел, Малин, Рехтштајнер (78’ Волфингер), Марсел Бухел, Губсер, Хаслер, Мартин Бухел (84’ Селе), Бургмајер, Селановиќ (87’ Брендле), Фрик.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Велковски, Шиков, Ристевски, Николов, Спировски (85’ Ѓорѓев), Ибраими (64’ Трајковски), Тричковски (78’ Бабунски), Пандев, Несторовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА