Управувањето со Челси е тема на потсмев во англиската фудбалска јавност откако американските милијардери дојдоа на чело на лондонскиот клуб купувајќи го од Русинот Роман Абрамович.
Тод Боели го води клубот иако поседува 38,5 од вкупните акции на Челси, а мнозинскиот пакет од 61,5% го има „Clearlake Capital“, подеднакво поделен меѓу Хансјорг Вис и Марк Волтер. Договорот меѓу тројцата е да има ротација на местото прв човек на клубот на секои пет години, но за клучните одлуки за функционирање мора да постои мнозинска одлука со најмалку два гласа од тројцата ко-сопственици.
Сепак, огромните инвестиции од над 1,2 милијарда фунти во нови фудбалери надополнети со катастрофалните резултати придонесоа да дојде до сериозен конфликт и во управата на клубот.
„Катастрофалната сезона 2022/23 во која беа смеени двајца тренери, продолжена со компликуваната 2023/24 што заврши со смена на Маурицио Покетино… сето ова придонесе да дојде до тензија во односите во самата управа. Челси се врати во европските натпреварувања сезонава, но со неверојатна инвестиција само за да стигне до Конференциската лига на УЕФА. Иако во јавноста се тврди дека односите им се нормални, факт е дека Тод Боели и „Clearlake Capital“ имаат ненадминливи разлики во визијата за идното функционирање на клубот“, пишува англиски „Телеграф“ повикувајќи се на извори од управата на „сините“.
Овој проблем може да биде надминат само со откупување на акциите, се најавуваше дека „Clearlake Capital“ е подготвен да ги купи акциите на Боели, но последните информации говорат за спротивен след на настаните. Имено, иако моментно е малцински сопственик Тод Боели е решен тој да биде стопроцентен газда на Челси и целосно да ги исплати моментните партнери. Тој верува дека поседува доволен фонд за да плати околу 2,5 милијарди фунти и целосно да го преземе раководењето со „сините“.
Останува да се види разврската од оваа војна, но едно е јасно – Американците покажаа дека немаат капацитет да водат сериозен клуб со големи амбиции во Премиер-лигата, трошејќи богатство на огромен број нови фудбалери, веќе трета година по ред.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА