Душан Влаховиќ се повреди во финишот од натпреварот меѓу Србија и Данска и ќе пропушти најмалку две средби на Јувентус (против Милан и Астон Вила), но проблемите на српскиот голгетер се далеку подлабоки.
Имено, последната изјава дадена во српските медиуми „како во репрезентацијата игра подобро бидејќи има слобода и не му даваат толку обврски во одбраната) ги разбранува страстите во Јувентус, откако и управата и стручниот штаб јасно ставиле до знаење дека не очекувале такво нешто од најскапиот фудбалер во тимот, воедно и најплатен играч во целата Калчо-лига.
Јувентус плати 80 милиони евра за да го доведе Србинот од Фиорентина, а бројките од 50 гола и 10 асистенции на 117 одиграни средби за „старата дама“ се недоволно за така скап трансфер.
„Нешто чудно се крие зад повредата на Влаховиќ, особено ако се земе во предвид сето она што го кажа додека беше со репрезентацијата. Односите меѓу неговиот агент и управата на Јуве и претходно беа затегнати, но сега веќе како да не постои желба да се седне и да се разговара“, пишуваат италијанските медиуми.
Влаховиќ одби неколку понуди за нов договор, а раководството на Јувентус според последните информации веќе го загуби трпението. Србинот ќе биде ставен на трансфер-листа уште во јануари, но прашање е дали ќе се најде клуб што ќе плати 70 милиони евра, колку што Јувентус бара за својот најдобар напаѓач.
Арсенал претходно покажуваше сериозен интерес за овој фудбалер, па останува да се види дали Артета ќе има богат буџет во јануари за да донесе голгетер од светска класа во тимот, нешто што според многумина му недостига на Арсенал за да се бори за титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА