Челси ја загуби шампионската титула во Премиер – лигата од доминантниот Манчестер сити, но, сепак, се закити со трофеј во ФА Купот на Англија. Но, и нема многу причини за радост на „Стемфорд бриџ“, затоа што се појавија многу неволји.
Бразилецот Вилијан е незадоволен бидејќи беше изоставен од финалето на ФА Купот против Манчестер јунајтед и бара да си замине од клубот доколку и понатаму на кормилото остане Антонио Конте. Но, и ситуацијата на италијанскиот стратег не е сјајна. Допрва треба да води разговори со раководството на клубот за своето останување во Челси, со оглед дека инсистира тој да решава кои засилувања ќе пристигнат во тимот. Очигледно е дека не е задоволен од тимот со кој располагаше изминатава сезона. Во опција како негови наследници се Маурицио Сари, Луис Енрике и Маурицио Покетино.
Но, има проблеми и за првиот човек на клубот, рускиот тајкун Роман Абрамович. Тој во моментот не може да пристигне во Лондон затоа што е истечена неговата британска виза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА