Пукна тиквата во Наполи: Газдата го обвини Сари за загубеното скудето

Маурицио Сари се наоѓа пред заминување од Наполи откако претседателот Аурелио де Лаурентис го посочи токму тренерот и неговите одлуки како главна причина што тимот не издржа до крај во трката за скудетото со Јувентус. Поразот во Фиренца ги остави „наполитанците“ на четири бода заостанување зад Јувентус, на три кола до крајот, а Де Лаурентис смета дека ситуацијата можела да биде и многу поинаква доколку Сари повеќе ја ротирал екипата во текот на сезоната.

„Сите говорат за Интер – Јувентус, но јас вината ја гледам во нашите редови бидејќи ако не загубевме во Фиренца трката се уште ќе беше во тек. Прерано почнавме со подготовки, бидејќи игравме квалификации за ЛШ, сезоната е долга, а исти играчи играа цело првенство, логично беше во еден момент да останат без здив. Од сегашна перспектива, јасно е дека требаше да се ротира во текот на сезоната, дел од фудбалерите да добијат одмор за да бидат свежи за самиот финиш. Но ние секогаш ги користевме истите фудбалери на секој натпревар“ – изјави Де Лаурентис.

Преговорите за нов договор се блокирани, па речиси сигурно е дека Сари на крајот од сезонава ќе си замине од Неапол, со Челси како голем фаворит за негов ангажман.

Се вчитува...