Пулишиќ испиша историја за Милан против Верона

Милан славеше со 1-3 на гостувањето против Верона зацврстувајќи се на второто место на табелата. Воедно, „росонерите“ станаа само трет клуб во историјата на италијанскиот фудбал со 5.000 постигнати погодоци во Серија А (по Јувентус и Интер). Честа да ја испише историјата му припадна на Кристијан Пулишиќ, кој се најде на вистинско место во вистинско време и погоди за 0-2 на почетокот од второто полувреме.

Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Милан доминираше од самиот почеток, два пати погодувајќи ја гредата од домашниот гол пред Тео Хернандез во самиот финиш од полувремето да стрела прецизно за 0-1, откако левиот бек имаше и многу среќа бидејќи по двата обида за центаршут топката му се враќаше во нозе, за на крајот тој самиот да ја смести во мрежата.

Нова грешка на домашните дефанзивци овозможи Окафор да тргне еден на еден со голманот на Верона, тој кратко ја одби топката по што на неа натрча Пулишиќ, сместувајќи ја во мрежата за 5.000 гол на Милан во елитното италијанско фудбалско друштво.

Верона успеа да намали на 1-2 преку Нослин, но Чуквуезе со извонреден волеј од дваесетина метри стави печат на заслужената победа на Милан.

„Росонерите“ ја искористија резултатската криза на Јувентус е сега имаат три бода повеќе во однос на „старата дама“ на второто место на табелата.

Се вчитува...