Рабио до Леао: Не си веќе млад, реши што сакаш во животот и во фудбалот…

Адриен Рабио по конфликтот што го имаше во Олимпик Марсеј реши да се врати назад во Италија, облекувајќи го дресот на Милан, со што повторно доби шанса да заигра за Масимилијано Алегри со кого своевремено имаше одлична соработка во Јувентус.

Во интервју за италијанските медиуми Рабио говореше на најразлични теми, а беше прашан и за Рафаел Леао, големиот талент на Милан кој пред три сезони беше меѓу најзаслужните за скудетото, но кариерата оттогаш му се движи во надолна линија.

„Знам дека се зборува многу за него, веднаш се гледа дека има огромен потенцијал, но Леао веќе има 26 години, не е млад талент, на негова возраст веќе нема време за трошење бидејќи времето лета. Би било штета да остане само на потенцијал бидејќи верувам дека може да биде голем играч. Се надевам дека разбира што му е потребно за да се натпреварува со најдобрите. Она што е клучно, треба самиот да се праша што сака од себе во фудбалот и во животот, дали е задоволен од она што е во моментов или сака да биде уште подобар. Има среќа што Алегри е тренер, тој е стратег што знае да го извлече најдоброто, верувам дека ќе има позитивно влијание, но сепак се ќе зависи од самиот Леао“, истакна Рабио.

За разлика од Португалецот, францускиот играч има само пофални зборови за Лука Модриќ, генијалецот кој и на залезот од кариерата доминира на терените.

„Изненаден сум од Лука бидејќи и на 40 години прави работи што ретко ги гледате и од помлади играчи, дава се од себе и на тренинзите и на натпреварите… тој е вистински пример за сите во Мила. Се уште има огромна страст, се гледа колку многу го сака фудбалот… Кога ќе видам како работи играч десет години постар од мене, останувам без текст“, прокоментира Адриен Рабио.

Се вчитува...