Адриен Рабио сериозно ја разгледува опцијата во последен момент да го откаже договорот со Барселона и својата кариера да ја продолжи во дресот на Тотенхем. Францускиот ас е изолиран од првиот тим на ПСЖ поради одбивањето да потпише нов договор, но Рабио ќе биде слободен на крајот од сезонава без никаква отштета да си замине од „Паркот на принцовите“.
Трансферот во Барселона се чинеше како завршена работа, но ситуацијата се промени откако каталонскиот гигант го доведе и Де Јонг од Ајакс, јасен знак дека Рабио нема да има загарантиран првотимски статус на „Камп ноу“. Во ситуација кога тоа му беше главен проблем и во ПСЖ, сега францускиот играч за врска сериозно ги разгледува и останатите опции, во преден план земајќи ја понудата на Тотенхем.
Лондонскиот клуб му нуди плата од 7,5 милиони евра по сезона, а менаџерот Покетино лично разговарал со Рабио, гарантурајќи му дека ќе биде стандарден во првиот тим на „спарси“. За оваа опција притиска и раководството на ПСЖ, со оглед на фактот дека Тотенхем е подготвен да плати 20 милиони евра на францускиот првак, за веќе во јануари да го комплетира трансферот.
Крајот на преодниот рок е се поблиску, па Рабио ќе мора час поскоро да пресече, дали да остане уште пет месеци со резервите на ПСЖ, па да се пресели во Барселона, или веднаш кариерата да ја продолжи во Премиер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА