Убедливиот пораз од Брентфорд само ги потенцираше недостатоците во играта на Манчестер Јунајтед, а управата на „црвените ѓаволи“ е свесна дека мора што поскоро да доведе уште неколку квалитетни засилувања за да му помогне на Тен Хаг во составувањето на тим со кој би се излегло од кризата.
Прв на листата на трансфери што би се реализирале на стартот од новата седмица е оној на Адриен Рабио, францускиот плејмејкер од редовите на Јувентус. Јунајтед уште пред извесно време ги договори сите услови со Јувентус (17 милиони фунти отштета), но проблем претставуваат личните преговори со мајката на Рабио, Вероник, која воедно е и агентка на фудбалерот. Преговорите од минатата седмица беа одолговлечени бидејќи Вероник барала повисока плата од Јунајтед од она што го зема моментно во Јувентус. „Црвените ѓаволи“ одбиле вакво нешто, но по кошмарната епизода во Брентфорд управата на клубот е подготвена да седне повторно на маса и да ги прифати барањата на Рабио, се со цел трансферот експресно да биде комплетиран, а Рабио да биде во комбинација за настап веќе за наредниот премиерлигашки дуел, дербито со Ливерпул.
Сепак, останува дилемата дали Французинот би можел да ги реши бројните проблеми во играта на „црвените ѓаволи“. Френки де Јонг дефинитивно одбива да се пресели на „Олд Трафорд“, а Јунајтед ќе мора што поскоро да осигура уште некој трансфер ако сака да ги надмине проблемите од стартот на шампионатот.
Јувентус пак од друга страна очекува што поскоро да биде комплетирана продажбата на францускиот интернационалец за на негово место да биде доведен Паредес, на позајмица од ПСЖ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА