Работеше како келнер во хотел во Мајорка, денеска ќе дебитира на ЕП

Вернон де Марко денеска ќе дебитира на европските шампионати во дресот на Словачка, успех на овој 31-годишен фудбалер што е уште поголем ако се знае неговата животна приказна.

Имено, Де Марко со своето семејство ја напуштил родната Аргентина и се преселил најпрвин во Австрија, од каде заминува во Шпанија и почнува како дете да се занимава со фудбал.

„До 12 години тренирав кошарка, но потоа решив да се пробам во фудбал… и не згрешив“, вели словачкиот дефанзивец, кој може да игра во срцето на одбраната, но добро се снаоѓа и како лев и како десен бек.

Фудбалските почетоци воопшто не биле лесни, особено кога станал полнолетен и се очекувало да почне да заработува.

„Живеев во Мајорка и играв за аматерскиот тим Констанциа вочетвртата лига. Заработував 225 евра месечно, тие пари не ми беа доволни ниту за бензин. Морав да стигнам до пари, па најдов и втора работа, како келнер во хотел во Мајорка“, се присетува овој фудбалер.

Тогаш, се се сменило со еден телефонски повик.

„Беше 2012 и добро се сеќавам бидејќи тоа беше повикот што ми го смени животот. Беше 11 часот навечер, јас бев во кино кога ми зазвони телефонот и мојот агент ми понуди да се преселам во Словачка и да играм во втората лига во оваа земја. Искрено, барав мапа за да видам каде се наоѓа Словачка. Размислував, на крајот прифатив и тоа се покажа како најдобра одлука што ја имам донесено“, задоволен е Де Марко.

Земплин Михаловце е тимот што го доведе овој Аргентинец. Ди Марко остана во клубот до 2016, помагајќи му да влезе во првата лига, по што се пресели во Слован Братислава. Во 2017 следеше трансфер во полски Лех, за во 2021 овој дефанзивец да се врати назад во Слован и да добие словачко државјанство, по што почна со настапи за оваа репрезентација.

Се вчитува...