МЗТ Скопје ја оправда фаворитската улога и славеше на гостувањето кај Работнички со 47-66 во 159. вечно дерби. Аеродромци победата ја осигураа уште во првото полувреме во кое беа на врвот на својата задача во нападот и одбраната, а и покрај тоа што не успеаја да го пренесат темпото и во вториот дел, лошата реализација на Работнички (28%) не им даде шанса за центарци да се надеваат на победа против аба-лигашот.
Отварањето на натпреварот беше во знакот на МЗТ Скопје кој благодарение на добрата одбрана го примора Работнички на тешки обиди, а преку расположениот Војдан Стојановски на спротивната страна успеа да направи предност од 3-11. Сепак тајм-аутот на Мираковски не дозволи „сино-белите“ рано да стигнат до двоцифрена предност. Одговори Бакоч, нему му се приклучи и Крофорд па домаќините стигнаа до изедначување (13-13), но и падот во играта на гостите не траеше долго. МЗТ ја врати агресивноста со тоа стигнаа и до лесни поени за 14-19 по 10. минути игра. Избраниците на Петровиќ продолжија да го диктираат темпото на двата дела од теренот и до крајот на првото полувреме. Аеродомци беа на врв на задачата во одбраната со која ги промораа центарци на 10 изгубени топки во првите 20. минути, дозволија само осум поени во втората четвртина, притоа го исконтролираа и скокот и лесно реализираа во транцизија па од минута во минута ја зголемуваа предноста која на половина од мечот изнесуваше 22-39.

Отварањето на второто полувреме донесе лоша игра на двата дела од теренот во која двата тима не успеаја да го најдат ритамот во нападот. МЗТ Скопје и Работнички промашуваа, а први двоцифрен број на поени во третата четвртина постигнаа „црвено-белите“ во 29. минута. Истото МЗТ Скопје го направи во последниот напад од третата четвртина кога Магдевски со звукот на сирената реализираше за 33-50 и задржување на предноста од полувремето. Последните десет минути беа само формалност во кои МЗТ Скопје стигна до највисоката предност, па шанса на теренот добија и помладите кошакари.
Крафорд со 16 поени и 7 скока беше лидер на Работнички, а него го следеше Бакоч со 10 поени и 6 скока. 16 поени и 6 скока за МЗТ Скопје постигна Ајви, 14 поени и 6 скока додаде Крстевски, а како двоцифрен со 11 поени и 8 скока мечот го заврши Војдан Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

