Работнички ќе биде осетно ослабен на вечерашното гостување во Гевгелија против Кожув откако Димитар Мираковски и Диме Тасовски не се рехабилитираа од повредите што ги мачеа во изминатиот период, па воопшто нема да патуваат со екипата на овој натпревар. Актуелниот лидер на табелата веќе го осигура своето учество во Супер-лигата, па дуелот во Гевгелија, како и сите наредни, ќе биде искористен за поголема минутажа да добијат дел од помладите кошаркари.
„Ситуацијата со Тасовски и со Мираковски беше таква да повредата не е целосно санирана, а не гледаме потреба да ги избрзуваме и да ризикуваме со нивни настап кога не се стопроцентно подготвени. Впрочем, пласманот во Супер-лигата е веќе обезбеден, а бидејќи бодовите од Првата лига не се пренесуваат понатаму и претстојните средби немаат преголемо резултатско значење за нас. Токму поради тоа, на мечот со Кожув, но и на наредните средби што ќе ги играме, шанса ќе добијат помладите играчи, за кои тоа сигурно ќе биде значајно искуство“ – изјави Марин Докузовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА