Работнички ќе биде значајно ослабен во завршниот турнир од Купот на Македонија откако Владо Илиевски отпадна од комбинација за настап во Кавадарци. Одличниот плејмејкер, кој поради повреда на рамото ги пропушти последните прволигашки средби, требаше да биде „фит“ за настап во Купот, но последните лекарски прегледи покажаа дека повредата сепак е посериозна од првичните прогнози.
„Последните прегледи извршени од страна на специјалистите покажаа дека сепак не станува збор само за истегнување, туку и за мала руптура на мускулот на рамото. Ова ќе значи продолжување на паузата за уште петнаесетина дена, со што станува јасно дека нема да можам да им помогнам на соиграчите за време на Купот на Македонија“ – изјави Владо Илиевски за ЕКИПА.
Марин Докузовски се надева дека Димитар Мираковски и Диме Тасовски ќе можат да му помогнат на тимот на фајналејт турнирот во Кавадарци, но јасно е дека отсуството на Илиевски е огромен удар за екипата на Работнички, која во четвртфиналето ќе ги одмери силите со Куманово.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА