Македонија ќе има уште еден претставник во меѓународните кошаркарски натпреварувања во новата сезона откако Работнички добил зелено светло од страна на европската куќа на кошарката за учество во ФИБА Европа купот. Се уште не е објавена официјалната листа на екипи чии апликации ФИБА Европа ги има прифатено за учество во ова натпреварување, но ЕКИПА дознава дека на неа ќе се најде и името на најтрофејниот македонски клуб.
Во изминатиот период постоела интензивна комуникација меѓу раководството на клубот од „Градски парк“ и претставниците на ФИБА Европа, при што начелно било договорено Работнички по неуспешната апликација за настап во ЛШ на ФИБА да добие шанса за настап во ФИБА Европа Купот.
Во „Градски парк“ се во исчекување на конечната одлука на европската куќа на кошарката за да почнат со засилување на играчкиот кадар и составување на „сериозна“ екипа, не само за Европа купот, туку и за домашното првенство во кое навивачите очекуваат атак на највисок пласман. Димитар Мираковски и Ѓорѓи Чековски имаат договори и за следната сезона, се очекува наскоро потпис да стави и Тасовски, а веќе беше доведен Бојан Крстевски како засилување на центарската линија по заминувањето на Мишановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА