Комесарот за натпреварување при МКФ, Владо Цветковски, денеска ги одреди казните за прекинатиот натпревар меѓу Работнички и Карпош соколи. Мечот беше прекинат откако гостите се пожалија на плукање и фрлање со тврди предмети од страна на домашните фанови, по што се доигра наредниот ден пред празни трибини.
Во делегатскиот извештај е наведено:
Досудена Т.Г. на тренерот на КК Работнички Докузовски М. поради неспортска реакција и влегување во терен. Натпреварот е уредно пријавен и прилично добро обезбеден со обични и подоцна на повик специјални полициски сили. Организаторот на натпреварот пријавил 23 редари од сопствено обезбедување. Иако на одржаниот состанок во средата пред натпреварот, претставниците на клубот организатор предложија промена на клупите на екипите од безбедносни причини, истото не се реализирало бидејки домашната екипа одбила да го стори тоа и ја задржала својата клупа.
Во неколку наврати во текот на натпреварот неспортско и вулгарно скандирање од навивачката група на КК Работнички упатено кон судиите и гостите. Во втората четвртина се случило првото фрлање на тврди предмети на теренот и кон клупата на гостите од трибината каде што била стационирана навивачката група на КК Работнички. Постапувајќи според писмените инструкции од Комесарот за натпреварување и заклучоците од состанокот на 03.05.2017, официјалните лица изрекле јавна единствена и последна опомена до гледачите на таа трибина(навивачка група) преку офицјалниот разглас и наложија подигнување на гледачите 2 реда погоре, што било и сторено, а во опомената било нагласено дека во наредниот таков или сличен случај трибината ке биде потполно испразнета. На крајот на третата четвртина после една судиска одлука дошло до остра реакција од клупата на КК Работнички, при што тренерот Докузовски М. добил Т.Г. Ваквата реакција предизвикала и неспортски реакции во гледалиштето, навредливо довикување и фрлање на тврди предмети на теренот и кон клупата на гостите. Биле фрлени метални пари и запалки од трибината каде што биле навивачите на КК Работнички а и од трибината спротивно на клупите на екипите.
Постапувајќи по заклучоците од состанокот одржан на 03.05.2017 г. како и членовите 43.63 и 54.8 од Пропизициите како и точка 3 од заклучоците на здружението на клубови, службените лица наложиле празнење на трибината под семафорот како услов за продолжување на натпреварот. После истек на одредено време делегатот добил известување од Полицијата дека редарската служба не е во можност да ја испразни трибината и е составена од луѓе кои работат во општината.На делегатот му било побарано време за да стигне засилување од ЕБР. Кога пристигнале бараните сили делегатот бил известен дека дел од навивачите се седнати и легнати на трибината, меѓу нив имало и малолетни лица и не пружаат отпор. Бидејќи истекле 45 минути од прекинот, делегатот и судиите донеле одлука со претставниците на двата клуба да дадат дополнителни 15 минути да ја испразнат трибината и натпреварот да заврши. Кога биле известени дека неможе да се испразни трибината делегатот и судиите излегле на теренот и првиот судија објавил дека го прекинува натпреварот и дека истиот ке продолжи после 24 часа наредниот ден во 19.00 часот со доигрување на 4-та четвртина при резултат 60-67. Тренерот на гостинската екипа му пријавил на делегатот дека е плукнат неколку пати над клупите иако првиот ред бил празен, а судијата Павлов А. му покажал траги од плукање на грбот на дресот од трибината каде биле навивачите на КК Работнички.
Следниот ден , 06.05.2017 год. натпреварот бил доигран и завршен со резултат 76-77 во празна сала и без никакви проблеми.На местото каде што е поставена камерата за снимање немало никој, и делегатот добил известување дека снимателот нема да дојде и веројатно нема да има снимка од 4-та четвртина. Останатото без забелешки од страна на обете екипи и службените лица.
Комесарот Цветковски врз основа на овој не покажа милост кон Работнички, казнувајќи го тимот од „Градски парк“ со играње на следните два домашни меча пред празни трибини, воедно и со парична казна од 56.000 денари.
Интересно е што ниту во делегатскиот извештај, ниту во билтенот на комесарот Цветковски не се наведува огромната грешка на судијата Павлов, кој досуди непостоечки прекршок од Мишановиќ врз Дабовиќ, што всушност беше причина за реакцијата на Докузовски и почеток на серијата инциденти кои придонесоа да дојде до немили сцени во салата „Градски парк“.
На состанокот меѓу полуфиналистите било договорено со формирање на комисија „под присмотра“ да бидат ставени и самите арбитри при евентуални контроверзни одлуки, па сега Цветковски е на потег, дали ќе го испочитува договореното со клубовите и барем ќе инсистира комисијата да се изјасни за прекршокот, или ќе остави сето тоа да биде „ставено под тепих’, во сенка на казните изречени кон Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА