Работнички ја продолжи својата доминација на македонската кошаркарска сцена, откако вечерва ја демолираше Струмица со убедливи 108-57 за својата единаесетта победа во низа од стартот на сезонава. На денот кога нивните верни Сити парк бојс го прославуваа 20. роденден, кошаркарите на Работнички на теренот играа симултанка против струмичани, добивајќи го мечот со дури 51 поен разлика.
Фаворитската улога беше оправдана од самиот почеток, за помалку од три минути резултатот гласеше 10-0, а првата четвртина заврши со 27-9. Избраниците на Марин Докузовски делуваа уште поубедливо во вторите десет минути, па на одмор се замина со преубедливи 62-22. Домаќините покажаа милост во преостанатиот дел од мечот, „намалија гас“, па иако можеа да слават уште поубедливо, на крајот се задоволија „само“ со „плус 51“.
Кире Николовски со 26 поени беше најефикасен кај „црвено-белите“, Костов и Гинјард постигнаа по 15, а Николиќ 13 поени. Кај Струмица прв стрелец беше Цветков со 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА