Работнички го доби дербито со Еуро Никел, Струмица подобра од Куманово

Најтрофејниот кошаркарски клуб во Македонија, Работнички славеше на домашен терен против Еуро Никел со 92-87 во дербито на 10. коло во Првата кошаркарска лига на Македонија.

Натпреварот почна во ефикасна игра на двете страни, а по десет минути игра домаќините имаа предност од два поени 28-26. Во сличен ритам продолжи и вториот период во кој повторно за нијанса подобри беа „центарци“ кои на пауза заминаа со предност од шест поени 50-44. Гостите од Кавадарци одиграа неверојатно во третата четвртина. На противникот му дозволија само осум поени и по три четвртини поведоа со 58-68. Се што направија добро во третиот период, гостите го прокоцкаа за само пет минути во последната четвртина, а во 35 минута Работнички на крилата на Шошкиќ и Бакоч повторно стигна до предност 77-76. До крајот успеаја да ја зачуваат предноста и да слават со 92-87. Камерон Форте со 21 поен беше најефикасен кај победникот, додека еден помалку уфрли Бакоч. Кај поразените недоволни беа 22 поени на Јуре Планиниќ.

Во дербито на дното Струмица славеше на домашен терен против Куманово со 90-85. Убедливо најдобар поединец кај домаќинот беше Стефан Крстајиќ со 34 поени, додека Светозар Стаменковиќ заврши со 20 поени, надополнети со 12 скока и седум асистенции. Кај гостите Марјан Јанески со 23 поени беше најефикасен.

Се вчитува...