Работнички го претстави Мирковски за нов тренер

Владимир Мирковски од денеска и официјално е нов шеф на стручниот штаб на Работнички, откако овој стручњак потпиша двогодишен договор како предводник на „центарци“.

Условите за соработка беа договорени уште пред извесно време, за денеска и официјално да биде потпишан договорот меѓу Мирковски и Работнички, на средбата на која присутен беше и директорот Горан Веселиновски и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

„Работнички е клуб со богата историја и длабоки корени, но и со предизвици кои ги надминуваме заедно. Верувам дека со новиот стручен тим и новата сала, повторно ќе бидеме меѓу водечките имиња во македонската и регионална кошарка“, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

На состанокот се разговараше за плановите за новата сезона, тековните подготовки и втората фаза од реконструкцијата на салата во Градски парк.

Како дел од стручниот тим, се приклучува и Сашо Тодоровски како помошен тренер, со меѓународно искуство како стручен соработник во елитниот ЦСКА Москва.

Во новиот состав, репрезентативците ќе останат, а приоритет ќе им се даде на младите македонски кошаркари, кои ќе добијат вистинска шанса да ја изградат својата кариера и да го носат идентитетот на Работнички. Планот на „центарци“ е клубот да не се натпреварува во АБА2 лигата за приоритет да биде ставен на добар настап во домашното првенство.

Градоначалникот Герасимовски информираше дека реконструкцијата на салата е во полн ек, а веќе следната сезона клубот ќе ја игра во својот нов дом.

Се вчитува...