Работнички го зеде скалпот на Шкупи (фотогалерија)

Првото коло од новата фудбалска сезона беше заокружено со одлична скопска пресметка во која Работнички успеа да го совлада Шкупи со 3-1. Тимот на Шкупи донесе неколку засилувања и најавува атак на титулата, но прволигашот од Чаир денеска покажа низа слабости што „романтичарите“ знаеја како да ги искористат.

Работнички успеа да поведе уште во првата минута, кога одбраната на гостите заспа, а Мазари втрча од позадина, прв стигна до топката и со прецизен удар со глава го матираше голманот на Шкупи.

Екс-шампионот беше принуден да ја отвори играта, уште во првото полувреме гостите направија дури три измени во составот, а до израмнување стигнаа во вториот дел, кога Илиевски се најде осамен крај вториот дирек по еден корнер и ја затресе мрежата на Работнички.

Победникот беше решен во последните 10 минути, Работнички поведе со 2-1 со пеналот што го реализираше Мурати во 82. минута, откако гостите бурно протестираа сметајќи дека не треба да има удар од 11 метри за „романтичарите“ бидејќи дефанзивецот на Шкупи најпрвин ја удри топката, а потоа и противничкиот играч.

Жалбите не им беа услишени, Мурати погоди за 2-1, а во судиското продолжение Работнички стави точка на триумфот со голот што го постигна Стојановски во 96. минута, по низата грешки во одбраната на Шкупи.

Се вчитува...