Работнички на арената „Филип Втори“ од 16 часот го пречекува Пелистер, во рамките на 31.коло од Првата фудбалска лига, во можеби одлучувачката битка за европски излез следната сезона.
По ремито со Ренова во Тетово, избраниците на Виктор Треневски се наоѓаат пред нов голем предизвик, пречекувајќи го на домашен терен четвртопласираниот тим на Пелистер. Бодовната разлика меѓу двата тима е само четири бода, а „романтичарите“ со триумф може да направат одлучувачки чекор за зачувување на третата позиција на табелата и место во квалификациите за Лигата на Европа ова лето.
Искусниот Горан Силјановски знае дека ова е многу значаен натпревар за Работнички…
„Дуелите со Пелистер оваа сезона се многу неизвесни и очекувам еден таков натпревар да се одигра и утре. Ќе решаваат нијанси, ситни детали, а поблиску до победа ќе биде тимот што ќе направи помалку грешки. Ние одигравме квалитетен меч против Ренова со Тетово, можеме да жалиме и за трите бода, со оглед дека создадовме голем број шанси пред противничкиот гол. Ако повториме едно такво издание и против Пелистер, се надевам дека можеме да стигнеме до триумф“ – вели Силјановски.
Работнички во пресрет на 31.коло се наоѓа на третата позиција на табелата со 48 бода, четири повеќе од четвртопласираниот тим на Пелистер.
ДВОЈКИ – 31. КОЛО (денеска, 16 ч.)
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР
Тетово: РЕНОВА – ШКУПИ
Прилеп: ПОБЕДА – ШКЕНДИЈА
Штип: БРЕГАЛНИЦА – ВАРДАР
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – СИЛЕКС
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА