Работнички и Силекс со тешка задача на реваншите во Конференциската лига

Македоснките фудбалски прволигаши, Работнички и Силекс денеска на домашен терен ќе имаат тешка задача да ја анулираат негативата од три гола по првите натпревари против Торпедо и Дечиќ.

Тренерот на Работнички, Бојан Маркоски не се откажува и верува дека денеска е е возможно чудо.

„Познато е дека имаме негативен резултат од првиот меч од 3-0, но според играта не заслуживме да биде така.Сепак со ривали од типот на Торпедо, секоја грешка се казнува што го почуствувавме ние на своја кожа. Фудбалот е интересна игра, не ретко се случуваат чуда, не се предаваме, максимално сме спремни, и ќе дадеме и повеќе од максимум за да пробаме да ја анулираме негативата од првиот меч. Секакако дека ќе биде тежок меч, знаеме што не очекува, играме против силна и искусна екипа. Сепак мора да биде максимално сконцентрирани, мотивирани и да гледаме напред. Ако тргне според планот што го имаме се може да се случи. Секако дека ќе го дадеме својот максимум да ја израдуваме публиката што ќе дојде на стадион. Независно е како ќе биде на полувреме, важно е да имаме активенн резултат. Да бидеме паметни и мудри. Топлото време може да биде предност за нас“, вели Маркоски.

Дуелот меѓу Работнички и Торпедо кој ќе се игра на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје е со почеток во 18 часот.

Тренерот на Силекс, Александар Васоски не се откажува и верува дека денеска е возможно чудо.

„Свесни сме дека имаме негативен резултат по првиот натпревар. Меѓутоа мислам дека сме кадарни да пробаме да го исфрлиме Дечиќ. Имаме квалитетна екипа, во ланскиот шампионат знаевме да постигнеме по три-четири гола на натпревар. Зошто да не биде така и сега. Со добар фокус и мотивација имаме реални шанси да го елиминираме противникот. На прв поглед мислиме дека играме против екипа од Црна Гора, но Дечиќ е многу сериозен клуб, со сериозен сопственик. Пред две сезони беше шампион, додека лани го освои Купот.

Пред нас имаме нови деведесет минути, нема да брзаме безглаво од првата минута. Сакаме стратешки да одиграме, да постигнеме гол во првото полувреме, па да нападнеме. Ако противникот се затвори ќе ни треба индивидуална помош од играчите, или пак шанса да бараме од прекин. И тоа е важно оружје во ваквите натпревари. Се надевам дека планот што ни е направен ќе се спроведе, но во фудбалот скоро никогаш еден плус еден не е два“, рече Васоски.

Дуелот кој ќе се игра на тренинг комплексот на ФФМ „Петар Милошевски“ е со почеток во 19 часот.

 

Се вчитува...