Работнички и Вардар во првата градска пресметка сезонава

Шесттото коло од Првата македонска фудбалска лига почнува денеска со градската дерби пресметка меѓу Работнички и Вардар од 19 часот на националната арена „Филип Втори“.

Прв сезонава мегдан на најголемите скопски ривали кои веруваат, секој со своите аргументи, дека може да дојдат до победа…

„Вардар е најголемиот бренд во македонскиот фудбал, таму минав одлични мигови, но сега сум член на Работнички и максимално мотивиран го очекувам утрешниот меч. Мечевите меѓу овие два тима секогаш нудат допадлив и возбудлив фудбал, се надевам дека така ќе биде и утре, со надеж дека ние на крајот ќе се радуваме. Вардар е квалитетен тим и секако заслужува респект, но мислам дека Работнички може да стигне до триумф“ – вели поранешниот „вардарец“ а сега член на Работнички, младинскиот репрезентативец Петар Петковски.

Од друга страна, искусниот Филип Гачевски нагласува дека целта на Вардар се трите бода….

„Играме дерби против Работнички, градско дерби кое што сметам дека ќе го одлучуваат повторно ситници после минатите натпревари. На овие мечеви не победуваат тимовите кои ќе ги искористат шансите и кои ќе бидат помотивирани. Работнички е екипа за респект, загубија минатото коло и сега сигурно ќе сакаат да се поправат. Меѓутоа нашата цел е три бода и ќе дадеме се од себе да ја исполниме. Атмосферата во екипата е одлична, и сите сме подготвени за  уште еден триумф“ – вели Гачевски.

Главен судија на натпреварот ќе биде Марјан Маркоски од Охрид, а ќе му помагаат Жарко Тодоровски (Охрид) и Лазе Чакарески (Струга). Четврти судија ќе биде Марјан Стојановски (Кичево).

ПМФЛ – 6. КОЛО

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР (денеска, 19 ч.)

УТРЕ (15:30 ч.)

Тетово: РЕНОВА – БЕЛАСИЦА

Кратово: СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА

Битола: ПОБЕДА – АК. ПАНДЕВ

Скопје: ШКУПИ – МАКЕДОНИЈА ЃП

Се вчитува...