Кога ќе се сретнат актуелниот првак на Македонија и „фенерџијата“ на табелата, логично е да нема никакви дилеми околу конечниот исход. Тоа беше случај и на денешниот дуел меѓу Работнички и Шкупи со кој беше отворено деветтото коло од кошаркарскиот шампионат на Македонија, а што бранителот на трофејот го доби лесно и убедливо со резултат 96-58.
Разликата во квалитет меѓу двата тима му овозможи на Марин Докузовски да ја подели минутажата меѓу сите кошаркари. Помалку од три минути беа доволни за Работнички да стигне до двоцифрено водство, Шкупи првите поени ги постигна за 12-2, но предноста на „црвено-белите“ продолжи да се зголемува како што изминуваше времето. На одмор се замина со водство на Работнички од 48-26, за избраниците на Докузовски да продолжат со силно темпо до крајот на мечот и конечните 38 поени разлика.
Младиот Ефремовски одлично ја икористи минутажата и со 21 поен беше најефикасен на средбата, 16 постигна Кире Николовски, а по 12 Костов и Стајиќ. Кај Шкупи најдобар поединец беше Билбија со 16 поени и 16 скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА