Најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, Работнички, триумфално го започна вториот дел од сезоната запишувајќи го осмиот триумф оваа сезона, втор севкупно над екипата на Струмица со 104-64 (27-20, 26-15, 30-18, 21-11 ).Струмичани се држеа добро во првите пет минути од натпреварот, но потоа домаќините го забрзаа темпото, а гостите не можеа да го фатат ритамот на игра што резултираше со 20 поени предност на „центарци“ кон крајот на првиот дел од натпреварот (53-33).
Фаворитската капа на Работнички брзо беше одвеана со брзите поени на Јокиќ кој беше најсветлата точка во гостинскиот состав. Ефтим Богоев знаеше како да ги разигра своите соиграчи, па по нешто повеќе од една минута кошаркарите на Струмица имаа уфрлено пет поени, наспроти ниту еден од страна на домаќините. Перо Блажевски, кој денес ја имаше улогата на прв тренер на Работнички (Докузовски беше на клупата во улога на асистент), го немаше на располагање Ѓорѓи Чековски (задна ложа), па дупката во рекетот се обидуваа да ја пополнат Мишановиќ и младиот Маслинко. Српскиот центар се бореше во рекетот, но Богоев успеваше покрај секој да мине и да ги распореди топките кон своите соиграчи (шест асистенции во прво полувреме). Започна Работнички да ја намалува предноста, па Настев ги построи своите избраници на тајмаут. И по кратката пауза текот на натпреварот не беше во полза на гостите. Се разиграа Владо Илиевски и Петар Николиќ, па со серија од 7-0 го свртеа резултатот во своја корист (26-20). На почетокот на вториот период Ѓорѓиев и Богоев намалија на минус еден (27-26), но домаќините не им дозволија повторно да го преземат водството.
Како што одминуваше времето, така растеше и предноста за Работнички. На полувремето екипите се разделија при резултат од 53-35,во полза на домаќинот кој во вториот дел продолжи да расте. Играта на струмичани од првиот дел на натпреварот беше прочитана и одговорот беше лесно смислен. Јокиќ и Брчков беа целосно затворени и не можеа да го пронајдат патот до противничкиот обрач. Проодот беше речиси невозможен што резултираше со 30 поени предност за Работнички кон крајот на третиот период (83-53). Во последниот период, Перо Блажевски им даде шанса и на најмладите во составот кои успеаја да ја одржат предноста до крајот.
Во главна улога кај Работнички беа младите Маслинко и Ефремовски со по 21 поен, додека Владо Илиевски оствари дабл-дабл од 12 поени и 11 асистенции, надополнети со четири скока и две украдени топки. Кај Струмица најефикасни на денешниот натпревар беа Делипетров со 18 и Јокиќ со 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА