Работнички стигна до 13. победа во Првата кошаркарска лига откако во 21. коло славеше на гостувањето кај Еуро Никел во неизвесна завршница со 75-80. Со тоа македонскиот најтрофеен тим стигна стигна до позиција да се бори за четвртата позиција на табелата во последното коло од регуларниот дел на сезоната.
Двата тима имаа свои моменти во првото полувреме, но ниеден не успеа да ја превземе иницијативата. Еуро Никел благодарение на подобриот старт имаше и предност од два напада во неколку наврати, но крајот на првото полувреме му припадна на Работнички за минимални 37-38.
„Црвено-белите“ успеаја да продолжат расположено и во третата четвртина во која реализираа 4/5 за три поени, го контролираа и скокот и имаа подобар проток на топката во нападот па во последните десет минути влегоа со предност од 54-65, но кавадарчани не дозволија мирна завршница. Еуро Никел одговори со добра игра во одбраната која донесе лесни поени во нападот па успеа и да поведе (70-69) на четири и пол минути до крајот на натпреварот.
Неизвесноста траеше се до последната минута од мечот, а пресуди серијата од 6-0 и мирната рака на Џелетовиќ и Нотиџ од линијата за слободни фрлања.
Планиниќ со дабл-дабл од 22 поени и 10 скока беше лидер на Еуро Никел, додека 18 поени и 9 скока Џелетовиќ го предводеше Работнички.
До важна победа во 21. коло стигна и Куманово кој славеше во дуелот на „фенерџиите“ против Струмица со 89-82. Со неа кумановци останаа во игра за опстанок со тоа што бар до вечерашниот дуел на скопските тимови се изедначија со Чаир 2030 по бројот на бодови во пресрет плеј-аутот.
Куманово имаше подобро отварање на натпреварот во кое стигне и до двоцифрена предност (29-19), но гостите од Струмица експресно се вратија за изедначување од 46-46 на полувремето. Клучната разлика беше направена во третата четвртина во која домашниот тим благодарение на добриот проток на топката проследен со висока реализација за три поени и четири погодени обиди во овој сегмент од играта успеа да стигне до највисоката предност од 15 поени (72-57), предноста која избраниците на Ѓорѓиевски ја задржаа до самиот крај и покрај доцното враќање на струмичани кои намалија на 85-80 во последните две минути, а имаа и шанса за негатива од еден напад преку шутот на Мамузиќ за три поени.
Со 29 поени, 7 скока и 6 асистенции прво име во редовите на Куманово беше Зивчевиќ, додека со 22 поени и 8 асистенции Струмица ја предводеше Крстајиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

