Феникс дојде до огромна победа што ќе биде од важност во трката за опстанок откако тимот на Денис Дервишевиќ го зеде скалпот на Работнички триумфирајќи со 83-77. „Центарци“ во минатото коло делуваа импресивно на домашен терен во убедливиот триумф над Маџари, но денеска повторно покажаа низа слабости во својата игра што мотивираниот состав на Феникс знаеше да ги искористи и да стигне до заслужена победа.
Домаќините одиграа импресивно во нападот во првата четвртина, постигнувајќи 28 поени за рано водство од 28-19. Работнички предводен од Ефремовски не се предаде, гостите успеаја да се приближат резултатски, на 66-64, потоа и 74-73 во завршницата. Наумоски постигна важни поени за Феникс, потоа прецизен беше и Рахама, но Робев со тројка намали на 78-77 на помалку од 90 секунди до крајот.
Клучна фигура во финишот беше Златевски, а токму поранешниот кошаркар на Работнички му пресуди на екс-клубот, постигнувајќи важни поени во клучните моменти за конечни 83-77 за Феникс.
Дајсон беше прв стрелец на победничкиот тим со 23 поени, по 14 реализираа Златевски и Рахама, додека најефиканси кај Работнички беа Ефремовски со 24 и Робев со 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

