Работнички стигна до толку посакуваната титула, по што Марин Докузовски најави дека „центарци“ треба да се насочат кон создавање на млади кошаркари кои би добивале поголема шанса и во стартниот тим. Трофејниот стратег е свесен за опасноста по мак-баскетот, реален дека квалитетот извесно време ќе мора да биде низок, но и убеден дека тоа е единствениот пат за кошарката да се врати на посакуваните патеки.
Во случајот на Работнички, тоа најверојатно ќе значи и одбивање на поканата за настап во АБА2 лигата.
„Да бидам искрен не размислувавме многу на оваа тема бидејќи бевме максимално насочени кон ова финале. Сигурно ќе се разговара на оваа тема со целокупната управа, но мојот личен став можам да го кажам уште сега, дека не треба да играме во втората лига на АБА. Веќе реков, целта мора да ни биде создавање на домашни играчи, тој процес ќе трае и ќе треба да се издржи од сите нас, за доброто на репрезентацијата. Учество во вакви натпреварувања ќе значи и повторна потреба од создавање на конкурентни екипи, нови странци и нов циклус на истите работи што ни се случуваа и досега. Повторувам, управата ќе ја донесе конечната одлука, ова што јас го кажувам е мој личен став“ – истакнува Марин Докузовски.
МЗТ Скопје исто така има покана да биде дел од АБА2 откако „металците“ испаднаа од елитната дружина во регионот, а доколку Работнички ја одбива оваа покана истата ќе биде проследена до третопласираната екипа на табелата, Блокотехна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА