Работнички немоќен пред шампионскиот танц на МЗТ

МЗТ Скопје ја задржа предноста од домашен терен и поведе со 1-0 во полуфиналната серија против Работнички откако славеше со 82-71 во СЦ „Јане Сандански“ во натпревар проследен со одлична атмосфера која потсети на некои подобри времња на макбаскетот и неизвесна игра која траеше 32. минути.

Значењето на дерби натпреварите го зема данокот уште на отварањето на средбата кога во воведниот грч беа постигнати само 29 поени на двете страни од теренот. Отварањето на средбата им припадна на гостите од „Градски Парк“ кои благодарение на тројката на Нотиџ при истекот на првата четвртина поведоа со 13-16, а на крилја на расположениот Американец, Работнички стигна и до највисоката предност од 18-23. Сепак како што одминуваа минутите од првото полувреме МЗТ Скопје успеа да ги консолидира своите редовите. Одбраната ги лимитираше лесните поени, на спротивната страна во вистинско време блесна Крстевски па „сино-белите“ ја превземаа предноста и истата ја задржаа за 34-30 на полувремето.

 

МЗТ Скопје ја зголеми предноста на отварањето на второто полувреме, но Работнички одговори преку Умпинг, Малешевиќ и Џелетовиќ за ново изедначување (40-40) во Аеродром. Пех за „црвено-белите“ беше повредата на Нотиџ во средината на третата четвртина по која Американецот се врати на теренот, но не успеа да игра во висок интензитет. Во негово отсуство за гостите поентираше Малешевиќ, но мирната рака на Кук од линијата за слободни фралања донесе предност од 56-50 за „сино-белите“ пред одлучувачките десет минути.

Во нив МЗТ Скопје не успеа да поентира речиси две минути, а тоа го искористи Работнички за натпревар на еден посед (56-54), но аеродромци брзо ги консолидираа своите редови. Заштитата на рекетот проследена со висока реализација на спротивната страна за само две и пол минути донесе двоцифрена предност на домаќините (69-57), предност која искусните кошаркари на Атанасов не ја испуштија до самиот крај за мирен финиш на мечот.

Со 14 поени и 11 скокови лидер на МЗТ Скопје беше Дамјан Стојановски, а него го следеа Кук и Вер со по 13 поени. Со 19 поени и 9 скокови Џелетовиќ беше прво име кај Работнички, а по 16 поени додадоа Нотиџ и Малешевиќ.

Се вчитува...