МЗТ Скопје во четвртиот обид во прволигашките пресметки вечерва првпат го зеде скалпот на Работнички, нанесувајќи му го само вториот пораз во целата сезона на тимот на Марин Докузовски (80-76). Дербито донесе квалитетна игра и бројни пресврти, за сепак во клучните моменти „сино-белите“ да одговорат на предизвикот, да одиграат подобро во самиот финиш и на крајот заслужено да стигнат до победата. Овој триумф, надополнет со претходните над Блокотехна и Гостивар, е доказ дека шампионот зема залет во пресрет на плејофот, каде Ѓорѓи Кочов и неговите избраници се решени да ја одбранат ланската титула. Денешната победа и дефинитивно му ја донесе на МЗТ позицијата број 2 и предноста на домашниот терен во полуфиналето против Блокотехна, а за Работнички претставува повик за будење и подобрување во пресрет на клучните битки за титулата.
Работнички подобро го почна мечот и набрзина поведе со 4-10, но МЗТ експресно се врати благодарение на Маслинко, кој со шест брзи поени донесе израмнување на 12-12. Во финишот од првата четвртина во ритам влезе Американецот Крофорд, кој украде неколку топки од кои МЗТ лесн реализираше, па по десет минути игра резултатот гласеше 24-22. „Сино-белите“ го отворија вториот период со серија од 10-4, а потоа со тројката на Крофорд стигнаа и до најубедливи „плус девет“ (37-28). Работнички не се предаде, одговорноста ја презеде Чавдар Костов и гостите експресно се вратија, па на одмор се замина со само четири поени предност за МЗТ (47-43). Во ова прво полувреме извонреден беше Костов кај Работнички со 20 поени, додека кај МЗТ Скопје Американецот Крофорд имаше 10 поени, 6 асистенции и 3 украдени топки.
Со ефикасна игра се продолжи и на стартот од третата четвртина, повторно МЗТ Скопје беше тимот што го диктираше резултатот, но потоа и двата тима затаија во нападот, правејќи низа грешкии или промашени шутеви. Работнички со тројката на Костов израмни на 54-54 во 27. Минута, четвртината заврши со 60-57 откако домаќините пропуштија можност за поубедлива предност со лошото додавање на Крофорд до Спасојевиќ.
Битката продолжи и во последната четвртина, а кога Работнички поведе со 65-66, со поените по офанзивен скок на Чавдар Костов, тренерот на домаќините Кочов побара тајмаут. Гостите имаа и 65-68, но потоа МЗТ направи серија од 7-0, па Докузовски беше принуден да побара минута одмор. Овојпат неговите совети не вродија со плод, „металците“ продолжија со сигурна реализација во нападот, па на две и пол минути до крајот актуелниот шампион имаше водство од 76-70.
Гостите стигнаа до 78-73 и имаа напад, но Мираковски го промаши обидот за тројка што можеше да донесе неизвесен финиш. На крајот, МЗТ заслужено славеше со 80-76, за прва прволигашка победа над вечниот ривал сезонава и најава за возбудлив плејоф.
Крофорд беше во главна улога кај актуелниот првак со 16 поени и 10 асистенции, Трајковски постигна 12, а Симоновски 11 поени за МЗТ Скопје. Кај Работнички во главна улога беше Костов со 27 пони, но целосно потфрли Гинјард со прескромни пет поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА