Работнички пак го преслуша Пелистер, полуфиналето е на дофат

Работнички се наоѓа на чекор до полуфиналето од кошаркарскиот плејоф на Македонија откако „центарци“ славеа и на вториот домашен дуел против Пелистер, овојпат со уште поубедливи 79-50. За разлика од првиот меч кој мина во израмнета игра, овојпат Работнички доминираше, на почетокот од второто полувреме целосно се одлепи резултатски и на крајот заслужено стигна до победата која го носи многу блиску до Топ 4 во мак-баскетот за оваа сезона.

Пелистер отвори подобро, гостите имаа предност од 0-5, 2-8 и 5-10, но избраниците на Самарџиев подобро ја финишираа четвртината, со поените на Ѓуроски завршувајќи ја со 19-13. Битолчани преку Антоан за момент се приближија на 27-25, но повторно следеше огромен пад во играта во напад на „пелистерци“, нешто што домаќинот знаеше да го искористи и на одмор да замине со 43-34. Не само што „зелено-белите“ не направија пресврт, туку вечерва на вицешампионот му се случи целосен колапс во второто полувреме, во кое негативата растеше како што одминуваше времето. Пелистер во третата четвртина постигна катастрофални пет поени (19-5), па Работнички со тројката на Дубински во 29. минута ја надмина и границата од „плус 20“ (59-38).

Гостите беа видливо демотивирани и надвор од ритам, а одличниот состав на Работнички знаеше како да го казни тоа, го исконтролира мечот до самиот крај и заслужено триумфираше со конечните плус 29.

Рош со 18 и Ѓуроски со 15 поени беа најефикасни кај Работнички, а одлична игра прикажа и младиот Шошкиќ, со 9 поени, 9 скокови и 11 асистенции зад своето име. Кај Пелистер први стрелци во овој убедлив пораз беа Галовеј и Мишковиќ со по 13 поени.

Интересно, по првите две рунди од четвртфиналето сите екипи кои имаат предност на домашен терен поведоа со 2-0, Работнички против Пелистер, МЗТ со Феникс, ТФТ против Чаир и Куманово во серијата со Кожув.

Се вчитува...